sharmystery

Rock Art na Shar planina - otkritija i umetnost

Monday, November 16, 2015

Ѕвезди над карпите



   
 ЅВЕЗДИ НАД КАРПИТЕ




  
      На мојата 30-та самостојна изложба под горниот наслов, отворена во Тетово на 26.5.2015 г. се претставив со 14 слики, 6 од поранешниот период и со 8 слики од најновиот опус. И веднаш можеше да се забележи дека постои видлива разлика помеѓу овие две целини, иако инспирацијата беше од моите пронајдоци кои потекнуваат од далечната праисторија.
       Првите 6 слики беа од периодот од 2006 - 2012 г. кога моите пронајдоци од карпестата уметност ги обработував, толкував и ликовно ги претставував со познатите ставови од службената историска наука и археологија.
       Но, другите 8 најнови слики се видливо поинакви бидејки тие содржат други митски, историски, но и научни сознанија за нашиов свет, за културниот, уметничкиот и научниот развој за светот и Вселената воопшто. 
       Kако и зошто се случила оваа драстична промена во моето сфаќање за дел од моите пронајдоци и за нивното поинакво толкување и ликовно претставување ?
        Таа промена настана многу одамна и се развиваше со новите, да речам револуционерни сознанија за многу прашања од развојот, историјата и културата на човештвото, како на пример: за настанувањето на палеолитското сликарство, за карпестата уметност, за пронаоѓањето на металите, за градбата и намената на египетските пирамиди, за културата и уметноста на Инките, Маите, за Велигденските Острови, за Стариот свет, за средновековието, па сé до најновите научни сознанија за Вселената. 

       Последниве години светот многу напредна и се отвори, информациите и новите откритија за човековата историја и култура, како и најновите сознанија за Вселената сега се секому достапни и ние сме сведоци на многубројни, неочекувани и шокантни откритија кои порано биле табу теми и од кои „боли глава“.
       Овие сознанија долго време тлееја во мене сé додека не се потврдија со некои од моите пронајдоци од карпестата уметност од нашава Шара кои потекнуваат од далечната праисторија, кои ги обработив и овде ликовно претставив, како на пример: Карпата со стапалата и Маркоата карпа, и двете од околината на с. Сетоле.
       На првата карпа има две човечки стапала и 130-тина купули распоредени во спирали, кои во науката се толкуваат како претстави за ѕвездите, а тоа значи дека оваа карпа е астрална карта, една од првите карти во светот на кои е претставена нашата галаксија Млечниот пат.
      Но, од каде го знаеле тоа нашите далечни предци?! Самите тешко би можеле тоа да го откријат, и најверојатно имале голема помош од некој друг - а тоа биле нивните „богови“ кои денеска се познати под името древни вонземјани - древните посетители на нашава планета, дамнешните ѕвездени патници - космонаути, кои по сé изгледа овде биле од памтивека и од пред тоа. А, и стапалките го симболизираат и потврдуваат тоа непрекинато доаѓање и одење од нашиов свет.
      За ова нешто ни зборуваат и многубројните митови, цртежи во пештерите и на карпите, огромен број слики и скулптури во гробниците на старите народи како и претстави на вселенски летала на фреските и иконите од средновековието. Во оваа прилика ќе укажам на најспектакуларниот пример од црквата Високи Дечани и тоа од фреската Распетие Христово каде експлицитно се прикажани две вселенски летала - и тоа од 1350 година!

     На Маркоа карпа од с. Сетоле, која е ритуална карпа за заштита на новороденчињата и мајките - родилки, релјефите се 4 пати поголеми од човековата природна големина и би можеле да бидат сеќавање на нашите предци за нивните „богови“ - гигантите - древните вонземјани кои некогаш  владееле со нашиов свет, или би можеле да бидат нивна креација.
     И токму тие уметнички дела од праисторијата, митовите за Млечниот пат, вселенските летала од фреските од средновековието, најновите сознанија за Вселената и за нашата галаксија Млечниот пат си го најдоа своето место во моите најнови дела.

     Во нив ги претставив овие уникатни историски, уметнички, религиозни и философски дела на мој начин со нагласен ритам од форми и бои, многу ликовна драматика и треперења, а најмногу искрен пристап кон оваа проблематика со желба дека овој мој мал и скромен придонес ќе помогне за подобро осознавање на вистината за нас и нашиов свет, поставувајќи ги непрестајно вечните прашања: кои сме, од каде сме и каде одиме?
     Овие слики се мој обид на мој начин да ја претставам неверојатната, несфатливата епска моќ на Вселената и Природата во нејзиното создавање, катаклизмичко самоуништување и пресоздавање, кои за нашиов човечки ум, веројатно, ни приближно не е појмливо. Но, по сé изгледа е сéприсутно во целава за нас позната и непозната Вселена.
    Дали сме сами во овој бескраен, таинствен и несфатлив Космос? 
    Кога би постоеле само ние и нашиов свет од оваа мала и прекрасна Земја, тогаш огромниот Космос би бил премногу празен и пуст простор!
     А тоа, се разбира, наједноставно речено е невозможно!!!








Monday, August 12, 2013

25 Валкамоника Симпозиум



Оваа година од 20-26 Септември ќе се одржи 25-от Валкамоника Симпозиум во Капо ди Понте –Италија со учество на многубројни научници,археолози и истражувачи од целиот свет.Темата на овој Симпозиум е : Уметноста како извор на историјата.
    На моја голема радост и задоволство примен е мојот труд за Маркоа карпа од с.Сетоле во сесијата:Декодирање на религиите и верувањата преку карпестата уметност.
    На оваа ритуална карпа чие плато е долго 490цм а 320 цм широко,пронајдов 5 фасцинантни релјефи  : во средината на платото е плиткиот  релјеф со изглед на човечки череп,горе десно има десна крената рака со лак во неа , лево од неа релјефот на вулва,а оттаму започнува каналот за либација,додека пак под сите овие релјефи е длабокиот релјеф на новороденчето со волчја глава!
Сите релјефи се во надприродна големина,неколкупати поголеми од природната големина на човек.

Релјефот со изглед на човечки череп јас го нареков Големиот Дух-Заштитик,долг е 90 цм а широк 80 цм е реалистички,застрашувачки и симболично обликуван-со изглед на смртта-затоа што тој морал да биде страшен и пострашен од самата смрт за да може на тој начин да ја победи и набрка истата од новороденчињата-надежта на племето како и од мајките-родликите.
(фото.1)





Во неговата десна крената рака има лак и долга е 80 цм а широка 55 цм и би требало да значи стоп за смртта и болестите , значи таа е рака која треба да влева верба во човекот.(фото 2)













На  највиското природно испупчување на карпата е претставена вулвата-симболот за мајките-родилките во моментот пред породувањето, долга е 23 цм, а 17 цм широка.(фото 3)















Одтаму започнува каналот за либација, кој дијагонално се протега, се зголемува и продлабочува до 30 цм.(фото 4)



















Најдолу веднаш под релјефот на Големиот Дух-Заштитник   се наоѓа длабокиот релјеф на новороденчето со волчја глава ,во која има многубројни купули-симболи за многудетство,каде верувам дека биле поставувани новороденчињата за да бидат здрави,живи и отпорни како волци.(фото 5 и 6 )















Во прилог на ова тврдење ја приложувам една од моите слики каде ги претставив овие прекрасни релјефи и каде го прикажав можниот ритуал кога ги ставале новороденчињата во главата на релјефот на новороденчето.(фото 7)


















Во градите има ѕвезда, а од стомачето му излегува папочната врпца.(фото 8)

Мислам дека оваа ритуална карпа била наменета за заштита на новороденчињата и мајките –родилки  и дека настанала во Неолитот-Енеолит,време кога човекот живеел со чувство на зависност од многубројни духови и демони кои биле господари на животот и смртта.Тоа е и времето кога се појавиле првите метални орудија,кои најверојатно биле и овде употребени,бидејќи очигледно е дека се извајани со голема прецизност а некаде се многу длабоки од 18-30 цм.
Декодирањето е макотрпен процес, но сепак постои голема можност многу ликовни претстави од предисторијата правилно да се протолкуваат врз база на нив самите,бидејќи во нив се структуирани логичните системи кои сигурно имаат и нешто од универзалното човеково мислење.
Оваа и ваквите слични ритуални композиции се наше огромно богатсво кое треба темелно да се проучи и заштити,бидејќи тоа е културно,историско,религиозно и философско богатсво кое му припаѓа на целиот свет.

Sunday, February 12, 2012

24-ти Валкамоника Симпозиум - Уметноста и комуникациите во предлитерарните општества

Капо ди Понте, Италија 2011 година


Зборникот на трудови и службената покана

Од 12-19-ти јули 2011 година учествував на престижниот 24-ти Валкамоника симпозиум, кој традиционално се одржува во малото питорескно гратче во северна Италија - Капо ди Понте. Симпозиумот го водеше прочуениот научник, археолог, професор - доктор Емануел Анати, кој се уште е профессор на Лече Универзитетот, основач и ексклузивен директор на Центарот за праисториски студии.Темата на овој Симпозиум беше насловена: Уметноста и комуникациите во предлитерарните општества.



Центарот за праисториски студии во Капо ди Понте

На моја голема среќа единствено јас бев примен со свој труд и со своја изложба од 10 слики со заедничка тема Вечните симболи. На овој Симпозиум зедоа учество преку 120 учесници од целиот свет: научници, археолози, доктори на науки, директори на музеи за праисторија, меѓу кои и мојот пријател и колега проф. д-р Душко Алексовски, откривачот на карпестата уметност во Р. Македонија. Симпозиумот беше одлично организиран: трудовите на учесниците беа претставени во седум сесии, имаше перформанси, заедничка изложба на четири ликовни уметници, како и посети на неколку праисториски паркови, убаво уредени, преполни со гравири, пиктажи и композиции - сите под заштита на УНЕСКО. Организаторот издаде извонреден Зборник на трудови, каде што се застапени сите автори со абстракти и целосни трудови.





Автопортрет со Адам од Пена


Вечните симболи - 1


Од моето излагање






Од посетата на праисториските паркови








Гравири од Валкамоника

Ова беше мое прво учество на ваков меѓународен симпозиум каде што ја имав можноста да ги представам моите откритија од далечната праисторија - две ритуални карпи од долината на р.Пена, од единствената и прекрасната Шара: Адам од Пена и Рибите од Пена.


Адам од Пена


Рибите од Пена

На овие карпи нема осамени знаци, туку се осмелувам да кажам дека овде има вистински симболично - наративни композиции кои се создадени од нашите предци и се меѓу првите во светот на ликовната уметност, воопшто.

На карпата Адам од Пена е претставена машка фигура со својата машкост, а од десната страна има оштетени претстави на женски фигури, додека на горната страна од карпата се наоѓаат повеќе елементи : машкиот и женскиот триаголник кои со каналчиња се поврзани со наведените фигури, што секако упатува на либација, потоа крстот, кругот и змијата и сето тоа ни укажува дека ова е ритуална карпа за плодноста и сексуалноста на еден редок и оригинален начин.

Втората карпа е Рибите од Пена, каде што има една комплексна композиција од животни: рис кој лови риба - пастрмка и канал поврзан со главата на човек - веројатно наменет за либација - 8 подолги и пократки паралелни гравири - симболи за водата, крстот со гранче, како и повеќе машки и женски триаголници - симболи за Небото - Сонцето и Земјата - Големата Мајка и нивниот Свет брак (Хиерос гамос). Од сето ова произлегува дека од тој Свет брак настанал целиот наш свет : природата, растенијата, животните и луѓето!

Овие раритетни композиции , според темите кои ги обработуваат, според техниката и начинот на кои се изведени, според симболите кои се употребени, верувам дека потекнуваат од раниот период на Мезолитот, од пред 10-ина илјади години, време кога реалистичкото претставување на нештата било се уште живо, значи се уште било свежо сеќавањето на претходниот Палеолитски период.

Ликовните елементи кои се претставени на овие прекрасни уметнички дела ни зборуваат за неверојатно високото ниво, за сфаќањето на поредокот во светот и на животот воопшто, за симболиката на нештата и за способноста на нашите предци да создаваат симболи, кои опстоиле илјадници години и кои повторно се раѓаат во нови современи форми, но со вечно значење. Тие симболи се вечни, и тие се историско, културно, уметничко и религиозно наследство кои му припаѓаат на целиот свет.

Александар В. Настески

ак.сликар и истражувач

декември/јануари 2012 год

Tuesday, April 22, 2008

Мојата теорија

Ниту една ваква богата, дива и истовремено питома и прекрасна планина! И никаде толку многу гравири, рељефи на тврдите карпи! Зошто токму овде? Па зарем не е одпата?! Па, зарем во преисторијата не се патувало по општо прифатеното мислење – по патот Вардар – Морава? Па, тогаш, од каде овде, на Шара толку многу единствени уметнички дела по содржина и убавина?!
Тоа значи само едно: дека од палеолитот, но најповеќе во Мезолитот и подоцна на Шара врвело од живот!
Како и зошто?
Доволно е само да се погледне географската карта и да се заклучи дека преисториските заедници не тргнале на далечен пат за веднаш да стигнат во Средна и Западна Европа, туку движејќи се по Големата река дошле до Големата планина, највисока, најбогата со реки, шуми, животни, риби, полна со живот и каде најверојатно затекнале и староседелци.
И тогаш дошло до голема концентрација на племенски заедници кои со време создале интересен и богат општествен живот, со свои ритуали и верувања, со нови традиции за што денес сведочат многубројните ритуални карпи по цела Шара.

Но овде не станува збор за осамени знаци, туку за вистински симболично – наративни композиции, ликовни композиции, меѓу првите во светот на ликовната уметност воопшто!

Тоа се уметнички дела со оригинален и артикулиран израз на тогашните луѓе за нивните ритуали и верувања, за смислата на животот и нивното сфаќање за поредокот во светот.

Гравирите, пиктажите, рељефите на карпите укажуваат на тоа дека тие настанале кога можело да се живее надвор од пештерите, на отворено, а тоа значи кога завршило Леденото време, најрано во Мезолитот, пред 10-11.000 години.

Религијата и магијата биле основните двигатели на оваа уметност, уметноста била во нивна служба. Темите на овие композиции се во врска со родноста и полодноста во природата, кај луѓето и животните, а тоа значи дека тогашниот уметник не ги прикажувал жената или мажот како индивидуи, туку преку нив всушност ја претставувал плодноста.

Адам од Пена

Ова е многу ретка, всушност, по многу нешта единствена композиција а нејзината содржина и смисла е плодноста. Овде е представена машка фигура со својата машкост како и други фигури десно од него на кои јасно се гледаат нозете но кои се многу оштетени од ударите на камењата кога реката многу надојдувала.




Над овие фигури, на горниот дел од карпата се наоѓаат два триаголника, како пирамиди, длабоки до 12 см. Едниот (со број 1на фотографијата) над фигурата на Адам е со димензии 30 см х 20 см х 20 см и е со врвот нагоре, а е поврзан со каналче со истата фигура.Другиот триаголник (со број 2 на фотографијата) е малку помал, свртен е со врвот надолу и е поврзан со каналче со другите фигури десно од Адамот.



Најверојатно во тие времиња овие триаголници биле полнети со некоја тешност а можеби биле и боени. Овие два триаголника се со јасна симболика, претставувајќи го машкиот и женскиот принцип во плодноста!
Десно од овие триаголници се наоѓа еден крст, до него една кружна форма – симболи за Земјата и Сонцето а над нив една долга форма налик на змија.





Овие две мои слики се моја инспирација на тема Адам од Пена, со димензии 125 х 150 см, во акрил техника сликани со песок и мов.



Thursday, September 07, 2006

Клисурата на река Пена

Мислам дека сега е време да се преселиме на една друга локација – во клисурата на река Пена – Тетовска Бистрица, богата и величенствена, отсекогаш населена од преисторијата до денеска.



Илјадница – Бањиче на река Пена

Нема човек од Тетово кој не ја знае оваа величенствена карпа, една од најголемите и највисока во овој крај, која заради нејзината големина и височина е наречена Илјадница.



Ова е познато излетничко место на тетовци од памтивека. Но малкумина знаат дека ова место било одамна населено: од преисторијата, па преку Македонско – римските војни па до денеска. Имено, на ридот наспроти Илјадница бил познатиот антички македонски град – тврдина Оенеј.
Илјадница не била случајно одбрана за живеалиште уште од преисторијата. Ова нешто е потврдено и е забележано во археолошката карта на Македонија. Со својата големина и височина им пружала заштита на тогашните луѓе а тие оставиле интересни знаци дека тука биле од памтивека.
На самата карпа се наоѓаат огромни фигури на два човечки лика, дело на мајката природа, кои сигурно биле забележани и од луѓето од преисторијата. Овие фигури од секогаш биле нешто посебно и веројатно биле обожувани како нивни заштитници, духови – богови.

Кои се овие фигури?



Првата фигура е профил на старец со мудар изглед, а вториот лик е сериозен со строг поглед со око кое вечно ги следи, давајќи им заштита и им предизвикува стравопочит истовремено. А оваа слика е моја инспирација на оваа тема.

Пештера



И сега може да се види остатокот од една пештера која била живеалиште на преисториските луѓе и во неа има еден интересен траг од тоа време – тоа се шестте купули во низа и по две погоре и подолу од нив. Овде треба да напоменеме дека оваа пештера била многу поголема но со изградба на браната од 1924 година таа била доста оштетена.